Ферстапен славеше во Мексико, катастрофа на Перез пред своите навивачи

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен победи на трката за Големата награда на Мексико на патеката „браќа Родригез“, што е негова 16-та победа оваа сезона.

Макс после победата во Остин дојде и до својата 50-та победа во кариерата, а сега запиша 51-ва победа после која се израмни со легендарниот Алан Прост.

Ферстапен потврди дека за него не е проблем да победува и кога не стартува од првата позиција, па во САД победи тргнувајќи од шестото место, а во Мексико на стартот од трката беше трет зад возачите на Ферари.

На второто место во Мексико заврши Луис Хамилтон, додека третото место на подиумот го пополни Леклерк од Ферари пред клупскиот совозач Саинц кој заврши на четвртото место. Британците Норис од Мекларен и Расел од Мерцедес завршија на петтото и на шестото место.

Вистински шок доживеа домашниот возач Серхио Перез од кого навивачите очекуваа висок пласман, но следеше катастрофа за него на самиот старт од трката. На самиот старт Перез имаше контакт со Леклерк поради што веднаш замина во боксот. Се обидоа механичарите да го оспособат неговиот болид за продолжување на трката но без успех, па Мексиканецот уште во првиот круг мораше да заврши со Големата награда во својата земја.

Се вчитува...