Фешта на „Максимир“: Адеми донесе победа, Динамо Загреб слави нова титула

Динамо Загреб ја продолжува доминацијата на хрватската фудбалска сцена откако „модрите“ вечерва слават нова титула. Иако долго време заостануваа најпрвин зад Хајдук, а потоа и зад Ријека во трката за трофејот, тимот на нашите Стефан Ристовски и Аријан Адеми врза фантастични десет победи во низа во клучниот дел од сезоната, ги прескокна ривалите и вечерва ја осигура новата титула.

Денешните резултати одеа во полза на актуелниот првак, најпрвин Ријека загуби на својот натпревар, што значеше дека триумф на Динамо на „Максимир“ против Осијек ќе ја осигура и нова титула на најтрофејниот хрватски фудбалски колектив, осумнаесетта во последните 19 сезони од првата хрватска лига.

По голема битка „модрите“ успеаја да слават со 1-0 над незгодниот ривал, а за задоволството да биде комплетно – победничкиот гол го постигна капитенот Аријан Адеми. Македонскиот интернационалец сезонава игра под своите можности, но Адеми уште еднаш покажа дека е најдобар кога е најважно, постигнувајќи го голот за титулата, со прецизен удар со глава во 72. минута од мечот за тотална еуфорија на „Максимир“.

 

Се вчитува...