Ракометарите на Пелистер стигнаа до голема победа во борбата за осминафинале во Лигата на шампионите, откако вечерва на домашен терен славеа против полската Висла Плоцк со 21-18.
Натпреварот почна израмнето. Иако Пелистер прв стигна до плус два (3-1), оваа позитива Полјаците брзо успеаја да ја анулираат и по девет минути игра резултатот на семафорот да изнесува 3-3. И покрај тоа што имаа играч помалку во следните две минути, домаќините одиграа одлично, па со голот на Филип Кузмановски во 11. минута повторно стигнаа до плус два (5-3).
Атанасијевиќ имаше контра и за плус три, но откако не ја искористи, следеше нова казна од гостите кои со два брзи гола повторно стигнаа до израмнување 5-5. Во следниот период се играше многу тврдо, па по 20 минути игра мечот се уште беше во егал (7-7).
Иако имаше неколку напади и за плус два, Пелистер не успеа да се одлепи во продолжението на мечот, па гостите со голот на Пирок во 28. минута повторно стигнаа до израмнување 10-10. До крајот на првиот дел „зелено-белите“ сепак успеаја да стигнат до плус два и на пауза да заминат со позитива од 12-10.
Каде што застанаа во првото полувреме, избраниците на Раул Aлонсо продолжија во второто полувреме. Три гола во низа значеа и плус пет (15-10), по кои Чави Сабате веднаш мораше да го побара својот прв тајм-аут во второто полувреме. Пелистер одигра неверојатно во одбраната и во продолжение, и иако се мачеше во нападот сепак успеа да остане на високи плус четири до 45. минута (15-11), бидејќи на противникот му дозволи само еден гол и сето тоа благодарение најмногу на неверојатниот Никола Митревски на голот.
Откако Пелистер стигна повторно до највисоките плус пет (16-11), Полјаците по 11 минути конечно успеаја да го матираат Митревски во 49. минута и да намалат на 16-12. До крајот македонскиот шампион успеа да ја задржи предноста и да стигне до голем триумф од 21-18.
Никола Митревски со 12 одбрани беше убедливо најдобар поединец кај Пелистер, додека Филип Кузмановски постигна седум гола. Кај поразените Миха Зарабец постигна шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА