Себастијан Фетел ја зголеми предноста во однос на Луис Хамилтон, откако Германецот попладнево триумфираше на трката за ГН на Унгарија. Возачот на Ферари стартуваше од пол-позицијата и во ниту еден момент не дозволи триумфот да му биде доведен во прашање. За Фетел ова е четврта победа во сезоната, вкупно 46 во кариерата, со што германскиот ас сега има 16 бода предност пред Хамилтон во генералниот пласман.
Тимскиот колега Кими Раиконен долго време возеше на околу една секунда заостанување зад Фетел, но Финецот ниту еднаш не тргна во офанзива да се обиде да излезе на врвот на колоната.
Најголеми „лузери“ во трката беа членовите на Ред бул, Рикиардо и Ферстапен, откако со извонреден маневар при самиот старт ги минаа Ботас и Хамилтон, но потоа Ферстапен иницираше судир со Рикиардо, по што Австралиецот ја заврши трката веќе во првиот круг, додека младиот Холанѓанец доби казна од десет секунди и експресно испадна од битката за највисок пласман.
Луис Хамилтон доби „бонус“ откако лесно го мина тимскиот колега Ботас, но Британецот не можеше да дојде до едно од првите две места. Затоа, во тимски договор пред последниот свиок Хамилтон му ја врати третата позиција на Финецот, па екс-шампионот на крајот мораше да се задоволи само со четвртата позиција.
Возачот на Мерцедес ја заврши трката пред Ферстапен и Фернандо Алонсо, за кого освоеното шесто место е најдобар резултат оваа сезона. Зад Шпанецот Топ 10 листата на оваа трка ја комплетираа Саинц, Перез, Окон и Вандорн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА