Себастијан Фетел е победник на трката за ГН на Велика Британија што денеска се возеше на легендарната патека „Силверстоун“, зацврстувајќи се на чело на генералниот пласман во Формула 1 шампионатот. Триумфот е уште посладок за Германецот ако се знае дека е извојуван во „домот“ на лутиот ривал Луис Хамилтон, кој четири години по ред стигнува до пол-позицијата, но денеска уште од самиот почеток се соочи со проблеми и на крајот мораше да се задоволи само со второто место.
Стартот на трката беше супер-драматичен, Фетел веднаш го мина Хамилтон, кој потоа се судри со Раиконен и падна дури на 15. позиција. Финецот беш казнет со минување на 10 секунди во пит-стоп, а Хамилтон почна еден по еден да ги минува ривалите. Тој стигна до третото место, зад Ботас и Фетел, а потоа во прилог му одеше излегувањето на сигурносно возило, со што разликата од 20 секунди експресно се стопи.
Фетел на пет круга пред крајот го мина Ботас, кој потоа не успеа да го запре ниту Хамилтон, ниту пак Раиконен, па ја заврши трката на четвртата позиција. Дани Рикиардо беше петтопласиран, користејќи ја грешката на тимскиот колега Ферстапен, кој ја заврши трката на неколку круга пред крајот.
Покрај овие петмина, бодови од денешната трка освоија уште и Хулкенберг, Окон, Магнусен, Алонсо и Гасли.
Фетел со денешната победа се зацврсти на чело во генералниот пласман, па сега има 171 бод, осум повеќе во однос на второпласираниот Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА