Себастијан Фетел излезе со изјава во која тврди дека во Ферари нема „тимски наредби“.Лидерот во генералниот пласман на возачи во шампионатот во Формула 1, на тоа додава и дека во италијанскиот тим тој нема улога на фаворит во однос на Кими Раиконен.
Шпекулациите дека во Ферари го фаворизираат Фетел како претендент за шампионската титула се појавија за време на трката за ГН на Монако кога Раиконен стартуваше од пол-позицијата, но тимската стратегија подоцна го чинеше победа. Во Унгарија пак, Фетел имаше проблеми со воланот, но ја задржа предноста пред Раиконен кој беше задолжен да го задржува Хамилтон, наместо да го напаѓа својот клупски колега.
„Изненаден сум како се претставуваат фактите за Кими и за мене. Не можам да зборувам во туѓо име, но можам да кажам дека ние се натпреваруваме еден со друг цела сезона. За тоа дали тој ме заштитувал на трката во Унгарија, треба да го прашате Кими, но не мислам дека е вистина. Ако имаше можност ќе ме престигнеше или ќе се обидеше да го направи тоа. Исто ќе беше и ако јас бев на негово место. И двајцата се натпреваруваме за тимот и настојуваме да го правиме најдобро тоа за што сме способни“ – вели Себастијан Фетел.
Ф1 шампионатот продолжува викендов на патеката во Монца каде ќе се вози трката за ГН на Италија, 13-та на календарот на Ф1 и последна во европската тура.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА