Себастијан Фетел и новиот болид на Ферари кој тој од милост го нарече „Џина“, викендов ја отворија новата сезона во Формула 1 со победа на трката за ГН на Австралија во Мелбурн. За четирикратниот шампион во Ф1 ова е прва победа од 2015 година, а за Ферари враќање на лидерската позиција по цели четири години.
„Во Мелбурн се виде колку беше напорно за нас во последниве неколку месеци. Најпосле симнавме голем товар од грбот. Сега треба да продолжиме во ист ритам и да останеме фокусирани“ – изјави Себастијан Фетел по триумфот во Мелбурн.
Германецот изрази задоволство од добро завршената работа во Ферари и од перформансите на неговата „Џина“.
„За прв пат „Џина“ беше фантастична. Се надевам дека ова е само почеток на една голема љубов. По тешкиот старт на ланската сезона и тешките зимски подготовки во кои вложивме многу труд за да го подготвиме овој болид, сега се почувствував исклучително добро зад воланот. Напорната работа конечно се исплати. Во Ф1 секој се обидува да направи најдобар болид, некогаш тоа успева, некогаш не. Но сега за нас работите конечно се подредија. За тимот беше многу важно да добиеме малку мир и нови идеи за напередок. Во изминатите неколку години Мерцедес беше мерило кој до каде е. Да видиме како ќе биде оваа сезона“ – вели Фетел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА