Себастијан Фетел до пред неколку трки беше рамо до рамо со Луис Хамилтон во битката за титулата, но неколкуте направени грешки скапо го чинеа асот на Ферари, кој сега заостанува дури 30 бода зад големиот конкурент. Германецот е максимално самокритичен, па вината за слабата форма ја посочи единствено кај самиот себе, свесен дека веќе нема право на грешка почнувајќи од претстојната трка во Сингапур.
„Мислам дека е јасно, јас самиот на себе сум си најголем непријател. Правев грешки што се некарактеристични за мене и затоа сега заостанувам зад Хамилтон. Тоа никако не значи дека се предавам, имаме извонреден болид и ќе сториме се за да се вратиме на врвот. Луис е лидер во моментов и ќе сака да се задржи, но искрено верувам дека имаме шанси да ја надополниме оваа негатива. Не треба да го гледам Хамилтон, туку самиот себе, да внимавам на моето возење бидејќи како што реков, самиот сум си главен непријател сезонава“ – истакна Фетел.
Германецот има добри резултати во Сингапур, каде во кариерата забележал четири победи, последната од нив во 2015 година.
„Ми се допаѓа овде, патеката е една од најтешките во целиот шампионат, те исцрпува максимално и физички и психолошки. Сепак, тоа е предизвик за сите нас да возиме најдобро што знаеме и да се обидеме да стигнеме до триумф“ – оптимистички е расположен возачот на Ферари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА