Себастијан Фетел познат е по посебниот однос што го има кон своите болиди на кои им дава имиња и се поврзува со нив како со живи суштества. Последниот болид на четирикратниот шампион во Формула 1 го доби името „Џина“. На крајот од сезоната по последните тестови во Абу Даби, возачот на Ферари се прости од својата „Џина“.
Иако сезонава заедно не освоија титула, Германецот е задоволен од „Џина“ или СФ70Х болидот со кој Фетел победи на пет трки и кој е прогласен за најуспешен болид на Ферари во последните седум години.
„Ќе ми недостасува. Сезонава беше забавна и жалам што заврши. Ќе беше убаво да имаше уште пет трки – тогаш веќе ќе бевме во добра форма! Но, сега веќе треба да гледаме напред, не очекуваат убави нешта догодина и возбуден сум поради тоа“ – изјави Себастијан Фетел.
Со промените што се воведуваат во Ф1 од следната сезона, новиот болид на Фетел ќе го има задолжителниот „ореол“, нешто што на Германецот не му се допаѓа баш многу.
„Признавам дека тоа не е нешто што го чекам со нетрпени, но тоа е дел од играта. Сигурен сум дека ќе се адаптираме. Го пробав неколку пати и некои работи дефинитивно ќе треба да се променат, како светлата на стартот, на пример. Ореолот ти е в лице, точно пред кацигата, но се надевам, ќе се навикнеме. Сепак гледаш се што треба да видиш. Инаку, немаше да го воведат“ – вели возачот на Ферари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА