По трката во Ф1 за ГН на Азербејџан што се возеше вчера на патеката во Баку, Себастијан Фетел се нафрли на Луис Хамилтон и на стјуартите на трката, затоа што според него, и возачот на Мерцедес заслужил казна за судириот што го предизвика со закочувањето пред рестартот.
Хамилтон и Фетел беа на првите две позиции зад безбедносното возило и се подготвуваа за рестарт, кога Ферарито на Фетел се заби во Мерцедесот на Хамилтон на излезот од 15 свиок. Германецот се изнервира затоа што Хамилтон изненадно ја намали брзнината и по судирот отиде да се расправа со својот ривал. Возачот на Ферари застана до Мерцедесот и лесно го удри од страна за што потоа доби казна од 10 секунди.
„Не го удрив Хамилтон од назад намерно, го оштетив крилото на мојот болид, и неговиот болид исто така имаше штети, но ништо што ќе му се одрази на трката. Едноставно, не се прави така, а и не му е прв пат. На првиот рестарт ме изненади и ме престигна, така што навистина не ми беше потребно да постапам така. Зад него бев јас и уште многу други болиди, реакцијата можеше да биде верижна. Пред неколку години го направи истото на трката во Кина на еден рестарт и едноставно, тоа не е правилно“ – се пожали Себастијан Фетел.
На крај Хамилтон и Фетел завршија на четвртата и на петата позиција и го испуштија подиумот. Возачот на Ферари смета дека ќе било поправедно ако стјуартите го казнеле и Хамилтон затоа што, според него и тој има еднаква вина за инцидентот во Баку, но нагласува дека и покрај инцидентот продолжува фер борба за титулата
„Сето ова не значи дека борбата за титулата оттука натаму нема да биде фер. Немам проблем со Луис, само не се согласувам со неговиот потег. Мислам дека не беше правилно. И мислам дека штом ме казнија мене, требаше и него. Освен тоа 10 секунди се ужасно многу време кога стоиш во место не правиш ништо“ – вели Себастијан Фетел.
По осум трки во Ф1 шампионатот, Фетел е на лидерската позиција во генералниот пласман со 153 бода, а Хамилтон е зад него со 139 бода. Следната на календарот е трката за ГН на Австрија што ќе се вози на 9 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА