ФФМ доби 2.600 барања за билети за Палермо, но само 1.300 ќе може да ја бодрат Македонија против Италија!

Фудбалската федерација на Македонија информира дека одделот во „Куќа на фудбалот“ задолжен за распределба на билети за плеј-оф натпреварот Италија – Македонија за пласман на СП 2022, преку електронска форма има добиено вкупно 2604 барања за купување билети за мечот во Палермо. Бројката на пристигнати апликации е примена до 15. март 2022 година.

Меѓутоа како што информираат од ФФМ, уште еднаш со изразена почит и благодарност, но и жалење, истакнуваат дека Фудбалската федерација на Македонија располага со лимитирана квота на билети која ни беше ставена на располагање според пропозициите на УЕФА (вкупно 5% од капацитетот на стадионот), или 1.300 билети.

„Можноста да овозможиме купување билети на сите наши фанови практично е невозможна. Имајќи го во предвид бројот на билети кои ги имаме на располагање, ФФМ може да задоволи околу педесет проценти од лицата кои аплицираа за билети за натпреварот Италија – Македонија“ – информираат од ФФМ од каде ќе овозможат и 150 навивачи организирано да патуваат во Италија

„ФФМ преку одделот за безбедност и интегритет оствари блиска комуникација со навивачките групи во нашата држава кои изразија интерес да ја бодрат репрезентацијата во Палермо и согласно нивните барања и бројот на билети кој можеше да биде ставен на располагање, ФФМ обезбеди можност околу 150 навивачи организирано да патуваат во Италија“ – велат од ФФМ.

УШТЕ ЕДНО ПОТСЕТУВАЊЕ ЗА СИТЕ КОИ ИМААТ КОДОВИ ЗА КУПУВАЊЕ БИЛЕТИ:

Лицата кои аплицирале за билети и имаат добиено кодови:

Треба да пристапат на следниот линк за билети: https://www.vivaticket.com/it/ticket/playoff-qualificazioni-mondiali-2022-italia-macedonia-del-nord-guests/177386

Со добиените кодови од одделот за билети на ФФМ ги купуваат истите;

Билетот го добиваат во електронска форма;

Пред да отпатуваат за Италија, задолжително мора да го пополнат и поседуваат формуларот кој се наоѓа на следниот линк: https://app.euplf.eu/#/

Македонските навивачи кои ќе патуваат во Палермо, Италија за натпреварот Италија – Македонија мора да ги почитуваат следните регулативи на италијанските власти во услови на пандемија: Ковид-19 регулатива за влез во Италија.docx

Лицата кои добиле кодови за купување на билети, процесот на купување треба да го завршат по добивањето на истите, но најдоца до 17. март до 22:30 часот.

Платформата, односно линкот за купување билети се затвора во 22:30 часот на 17. март 2022.

Се вчитува...