Со цел поддршка на македонскиот фудбал и создавање услови за нови успеси и победи на сегашните и на идните генерации фудбалери, Комерцијална банка и Фудбалската федерација на Македонија склучија Договор за спонзорство за наредните три години.
Во услови кога македонскиот фудбал празнува и со нетрпение го очекува почетокот на ЕУРО 2020, каде за првпат ќе настапува македонската репрезентација, Комерцијална банка обезбеди значајна поддршка за ФФМ за да поттикне нови успеси и заеднички победи.
„Со оваа соработка што денеска и официјално ја објавуваме, Комерцијална банка АД Скопје станува и горд поддржувач на македонската фудбалска репрезентација. Горди сме ние што добиваме партнер кој секогаш ги потврдува и поддржува вистинските вредности. Исклучително сме среќни што преку оваа соработка со Комерцијална банка АД Скопје имаме можност да ја продолжиме убавата приказна поврзана со учеството на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, која покрај спортскиот успех во себе содржи голема национална гордост. Ние и нашите партнери сме сигурни дека фудбалерите и на натпреварите од Европското првенство ќе дадат сè од себе за да го вивнат македонскиот фудбал во нови височини и одново да покажат дека припаѓаме меѓу најдобрите во Европа“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
„Веруваме дека македонскиот фудбал има во себе магија и моќ за да поттикне нови успеси и заеднички победи. Тоа да бидат успеси на деца кои ќе се определат за спорт, одговорност и дисциплина, на нови генерации фудбалери, на сите нас кои ќе изградиме уште подбри услови за спортот во земјава. Тоа е мисијата со која Комерцијална банка влегува во соработка со Фудбалската федерација бидејќи делиме заеднички цели и императиви. Посакувам Европското првенство 2020 да ни донесе многу радости, но на фудбалерите им посакувам, пред сѐ, добро здравје и многу среќа“, вели Илија Илоски, главен оперативен директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА