Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА преку „Хет-Трик“ програмата за развој на фудбалската инфраструктура го претстави идејното решение за западната трибина на Градскиот стадион во Штип.
Новиот стадион не само што ќе стане пристоен дом за штипската гордост, ФК Брегалница, туку би бил и прилика за македонската репрезентација да биде домаќин на важни квалификациски натпревари.
Во проектот финансиран од Фудбалската федерација на Македонија предвидено е западната трибина да има капацитет од 2.000 седишта, ВИП ложа и ресторан, простор за медиуми и за лица со инвалидитет, а во подтрибинскиот простор соблекувални и простории за службени лица по стандардите на УЕФА и ФИФА.
Фудбалската федерација на Македонија со средства од “Хет-трик” програмата на УЕФА го финансираше поставувањето на целосно нова тревна подлога (тревни бусени) со модерен дренажен и систем за наводнувањена стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, а постави и целосно ново рефлекторско осветлување.
Во тек се градежни активности и изградба на нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, a после 30 години, Градскиот стадион во Кавадарци ќе добие потполно нова слика. ФФМ целосно реконструира две трибини (јужна и источна), а со кровна конструкција ќе биде покриена јужната трибина.
Во најскоро време, целосно ќе се заврши и ќе биде пуштена во употреба новата трибина на стадионот во Чаир, потоа целосно ќе го заврши и новиот терен на стадионот на ФК Ренова во Џепчиште. Еден од покрупните проекти кој се очекува да се финализира е стадионот „под Тумбе кафе“ во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА