ФФМ го претстави планот за брендирање на Првата женска лига: Почнуваат преноси во живо и комплетен брендинг на стадионите (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија и Комисијата за женски фудбал денеска во „Куќа на фудбалот“ ја претставија идејата за брендирање и препознатливост на Прва женска фудбалска лига.

Како што потенцираа од ФФМ, со ефективно брендирање на лигата може да се инспирираат повеќе девојки да учествуваат во фудбалот, а преку изградба на силен бренд за елитното женско натпреварување ќе обезбедиме подобра видливост на женскиот фудбал, ќе ја подобриме свеста и ќе им помогнеме на играчите, клубовите и сите директно вклучени да се гордеат да бидат дел од такво натпреварување.

„Промоцијата на женскиот фудбал е една од клучните вредности за зголемување и промоција на родовата еднаквост во спортот. Вложувањето во развојот на фудбалска женска лига не само што го истакнува талентот и посветеноста на фудбалерките, туку и испраќа моќна порака за инклузивноста и можностите во женскиот фудбал и спортот воопшто“ – порачаа од маркетинг секторот за развој на ФФМ.

Динамичниот бренд е осмислен да ги отсликува вредностите на женскиот фудбал: ИНСПИРАЦИЈА, ЈАКНУВАЊЕ, ХРАБРОСТ, ЛИДЕРСТВО, ЕДНАКВОСТ и ГОРДОСТ.

Новиот бренд-дизајн, како што беше потенцирано, е конзистентен со брендовите на ФФМ, лесен за паметење и репродукција. Новиот бренд на Првата женска фудбалска лига ги отсликува: – визијата да го воспоставиме фудбалот како спорт број еден за жени и девојчиња во Македонија, и мисијата во која се впушта ФФМ – да бидат обезбедени можности и иновации, со што секое девојче, девојка и жена ќе можат да уживаат, да се развиваат и да остваруваат резултати.

„Фудбалската федерација на Македонија во 2021 година за прв пат усвои стратегија за Женски фудбал. Првиот столб на стратегијата е Видливост и Перцепција. Низ истражувањата кои ги спроведовме подготвувајќи ја стратегијата беше утврдено дека женскиот фудбал во Македонија има потреба од поголема препознаеност и видливост и тоа во сите свои сегменти, од лиги до национални тимови. Овој проект за брендирање на Првата женска фудбалска лига се однесува токму на зголемувањето на видливоста и препознатливоста на натпреварувањето кое од година в година се повеќе се развива. Искрено се надеваме дека овој прв чекор ќе придонесе кон поголема популаризација и развој на женските натпреварувања во иднина“ – рече потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев.

Имплементација на проектот во првата фаза се состои од изработка на визуелни решенија (брендинг) за стадионите од Прва женска фудбалска лига и продукција на директни преноси (стриминг) на дерби натпревари од Прва ЖФЛ.

БРЕНДИРАЊЕ НА ПРВА ЖЕНСКА ФУДБАЛСКА ЛИГА НА МАКЕДОНИЈА

Се вчитува...