Оваа недела започнува 14. издание на глобалната кампања #TotalAccess Week of Action, која e предводена од AccessibAll. Кампањата почнува на 13 март и обединува стотици засегнати страни од фудбалскиот свет – национални федерации, лиги, клубови, спортски центри и заедници, училишта – со единствена цел: да го слават спортот што е пристапен, инклузивен и отворен за сите.
Во периодот до 29 март, #TotalAccess Week потсетува дека лицата со попреченост претставуваат 20–25% од светската популација, односно повеќе од една милијарда луѓе. Фудбалот има моќ да го промени нивниот живот – преку пристапни стадиони, едукативни програми, инклузивни тимови и можности за активно учество на сите нивоа: од гледалиштето, до играчките терени, тренерските позиции, администрацијата и донесувањето одлуки.
Во рамки на оваа иницијатива, Фудбалската Федерација на Македонија, го објавува интервјуто со Лорета Андреевска – директор на ОУРЦ „Иднина“-Скопје, која ќе зборува за значењето на проектот ДОПРИ ГО ГОЛОТ во развојот на инклузивни спортски активности. Директорката Андреевска е долгогодишен стручњак во инклузивното образование и силен поддржувач на развивањето достапен спорт за секое дете.
Иднина, поддржана од ФФМ е добитник на наградата од УЕФА Фондацијата за деца. Со помош на тие средства се реализира проектот ДОПРИ ГО ГОЛОТ. Преку проектот ќе се овозможи обука, алатки и системски пристап за наставници и тренери кои работат со деца со пречки во развој. Крајна цел е фудбалот и спортот воопшто да станат простор на еднаквост, достоинство и активно учество.
Со овој проект ФФМ и ОУРЦ „Иднина“ и ја испраќаат клучната порака: Инклузивниот спорт не значи присуство – туку активно и значајно учество.
- Кое е значењето на наградата добиена од UEFA Foundation for Children и поддршката на ФФМ за вашето училиште?
“Наградата од UEFA Foundation for Children претставува значајно меѓународно признание за работата на ОУРЦ „Иднина“ – Скопје и за нашата посветеност на развојот на инклузивното образование. Нашето училиште поминува низ значајна трансформација – од институција која обезбедува воспитно-образовен процес за ученици со попреченост, кон ресурсен центар кој поддржува, развива и пренесува инклузивни практики во образовниот систем. Во таа улога, нашата мисија е да обезбедиме стручна поддршка за училиштата, наставниците и образовните тимови во процесот на инклузија. Поддршката од Фудбалската федерација на Македонија има особено значење, бидејќи создава силна врска меѓу образованието и спортот. Преку проектот „Допри го голот“ се отвора нов простор во кој инклузивните практики се развиваат и во областа на спортот, што претставува важен чекор кон нивно понатамошно ширење во образовната и спортската заедница.”
- Како проектот „Допри го голот“ се вклопува во визијата и вредностите на училиштето?
“Проектот „Допри го голот“ се вклопува во визијата на ОУРЦ „Иднина“ – Скопје затоа што ја проширува инклузивната практика и во областа на спортот, како важен сегмент од развојот и учеството на учениците. Во инклузивното образование целта не е само присуство на учениците во училиштето, туку создавање услови тие активно да се вклучат во различни активности што го поддржуваат нивниот личен и социјален развој. Спортот во тој контекст претставува простор во кој учениците можат да соработуваат, да се поврзуваат и да стекнуваат искуства што придонесуваат за нивната благосостојба. Преку овој проект наставниците, тренерите и учениците заеднички развиваат активности во кои различностите се прифаќаат, а секое дете има можност активно да учествува и да придонесе. „Инклузивниот спорт значи создавање услови во кои секое дете има можност активно да биде дел од тимот.“
3. Колку училишта се вклучени во проектот и на кој начин?
“Во проектот „Допри го голот“ се вклучени 10 општински основни училишта од скопски и североисточен регион, избрани преку јавен повик за учество. Од секое училиште учествуваат по двајца наставници по физичко и здравствено образование, кои се носители на активностите поврзани со инклузивниот фудбал во своите училишта. Во рамки на проектот се развиени и иновативни алатки за поддршка на инклузивниот фудбал, наменети за наставници и тренери кои работат со ученици со различни способности. Овие алатки помагаат спортските активности полесно да се адаптираат и да се создадат услови за активно учество на сите ученици. Особено значаен аспект е врсничката поддршка, преку која се поттикнува соработка меѓу учениците и се создава средина во која различностите се прифаќаат. Активностите се организирани на начин што овозможува рамноправно учество на сите ученици, без разлика на нивните способности.”

- Крајот на февруари е одржана тридневна обука за наставници кои се вклучени во проектот. Како во периодот што следи училиштата ќе ги поддржат наставниците во примената на новите алатки и практики стекнати на обуката?
“Обуката претставуваше важен почетен чекор, но вистинската вредност на проектот се гледа во неговата практична примена во училиштата. Во периодот што следи наставниците ќе ги именуваат новите пристапи и алатки во рамки на наставата по физичко и здравствено образование и во спортските активности со учениците. Во тој процес ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, како ресурсен центар, ќе обезбедува стручна поддршка и насоки, со цел наставниците полесно да ги интегрираат инклузивните пристапи во секојдневната работа.
Особено е важно што наставниците ќе имаат можност да разменуваат искуства и практики, што придонесува новите знаења да се развиваат и унапредуваат во самите училишта. На тој начин, инклузивниот фудбал постепено станува дел од редовната практика, а не само проектна активност.”
Oбука за наставници

- Следниот период како дел од проектот се планира да се одржи обука за инклузивен фудбал со фудбалски тренери. Кои се придобивките за тренерите?
“Обуката е наменета за фудбалски тренери кои работат со деца и млади, а нејзината цел е да им помогне подобро да ги разберат принципите на инклузивниот спорт и начинот на кој фудбалските активности можат да се адаптираат за различни ученици. Тренерите ќе имаат можност да се запознаат со иновативните алатки развиени во рамки на проектот, како и со практични пристапи што им помагаат полесно да ги организираат тренинзите и да создадат средина во која секое дете може активно да учествува. Особено важен дел од обуката е пристапот на еднаквост и недискриминација, кој ги охрабрува тренерите да создадат спортска средина во која различностите се прифаќаат, а секое дете има можност да биде дел од играта и од тимот.”
- Кои се најголемите предизвици што ги гледате во организацискаa и логистичка смисла во училиштата и фудбалските клубови?
“Еден од најголемите предизвици е создавање услови во кои инклузивните спортски активности ќе можат редовно да се реализираат, како во училиштата така и во спортските клубови. Тоа подразбира соодветна организација на активностите, достапност на спортски простори и подготвеност на кадарот да работи со ученици со различни способности. Подеднакво важен аспект е и развивањето на свеста за инклузивниот пристап во спортот. Инклузивниот фудбал не се сведува само на прилагодување на активностите, туку и на создавање средина во која секое дете се чувствува прифатено и поддржано. Затоа е особено значајна соработката меѓу училиштата, спортските организации и локалната заедница, бидејќи токму преку заеднички пристап може да се создадат одржливи услови за развој на инклузивниот спорт.”
- Дали реквизитите или знаењето се поважни при организирање фудбалски активности кај деца со атипичен развој?
“Во практиката реквизитите можат да помогнат во организацијата на активностите, но клучен фактор е знаењето и стручниот пристап на наставникот или тренерот. Работата со деца со различни способности бара разбирање на нивните индивидуални потреби и способност активностите да се адаптираат на начин што ќе овозможи активно учество на секој ученик. Затоа во рамки на проектот акцентот е ставен на методологијата и пристапот, како и на користење на иновативни алатки кои им помагаат на наставниците и тренерите да ги прилагодат спортските активности. Реквизитите се важни како поддршка во процесот, но инклузивниот спорт пред сè се гради врз знаење, професионална подготовка и разбирање на различностите меѓу учениците.”
- Какво подобрување очекувате во однос на инклузијата и благосостојбата на учениците?
“Ваквите активности придонесуваат за позитивни промени во повеќе аспекти од развојот на учениците. Спортските активности придонесуваат за подобрување на моторичките вештини, координацијата и физичката активност, што е особено значајно за учениците. Покрај физичкиот аспект, овие активности имаат важна улога и во развојот на социјалната интеракција и чувството на припадност во групата. Од таа перспектива, инклузивните спортски активности придонесуваат за целокупната благосостојба и активно учество на учениците во училишната заедница.”
- Како очекувате програмата да влијае врз тимската култура и взаемната поддршка меѓу учениците?
“Програмата има потенцијал значително да влијае врз начинот на кој учениците соработуваат и се поддржуваат меѓусебно. Спортските активности природно создаваат средина во која учениците учат да работат како тим, да ги почитуваат различностите и да се поддржуваат едни со други. Особено важен е елементот на врсничка поддршка, преку кој учениците развиваат чувство на одговорност и емпатија кон своите соученици. На овој начин спортот придонесува за развој на позитивна училишна култура, во која учениците се охрабруваат да соработуваат и да го почитуваат придонесот на секој член од тимот”
- Проектот ќе заврши со крајот на оваа учебна година. Како планирате програмата да продолжи и по завршување на проектните активности?
“Од самиот почеток нашата намера беше овој проект да не остане само временски ограничена активност, туку да постави одржлив модел на инклузивни спортски активности во училиштата. Активностите веќе се реализираат во пракса и покажуваат многу позитивен одзив кај учениците и наставниците. Иновативните и прилагодени алатки, како и конкретните тренинг активности, покажуваат дека инклузивниот фудбал може успешно да се применува во училишната средина. Дополнителна вредност на проектот е што се подготвува прирачник со упатства за примена на инклузивниот фудбал, кој ќе остане како траен ресурс за наставниците и тренерите. Во следниот период ќе направиме анализа на резултатите и искуствата од училиштата, со цел да се согледаат ефектите и можностите за понатамошно унапредување на моделот. Мојата визија е програмата да продолжи и постепено да се прошири и во други училишта, бидејќи досегашните резултати јасно покажуваат дека ваквиот пристап има потенцијал да стане дел од пошироката практика во образованието и спортот.”
- Која порака сакате да ја упатите до јавноста по повод глобалната кампања #TotalAccess Week of Action?
“Нашата порака е едноставна – секое дете треба да има можност да го допре својот гол. Вистинскиот спорт постои тогаш кога сите деца имаат место на теренот.”
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

