ФФМ и прволигашите ќе решаваат дали и како ќе се доигра Првата лига

Ќе се доигра ли сезоната во Првата лига и според каков формат на натпреварување? Кој ќе излезе во Европа? Ќе има ли прогласување шампион и испаѓање од елитата? Ќе се прошири ли прволигашката конкуренција за следната сезона и со колку екипи? Како ќе се комплетираат екипите со странските фудбалери во услови кога се уште има вонредна ситуација во Македонија?

Едно е јасно, сите сакаат да бидат дел од кремот и да играат во Првата лига. Никој не сака да испадне, што ќе се случи доколку биде прогласен крај на сезоната според моменталната ситуација. Последните две екипи нема да се преселат во понизок ранг, а второлигашки клубови од двете конкуренции Исток и Запад сакаат да добијат место во елитата. Можно ли е следната сезона да има Прва лига со 16 клубови? Ова се само дел од прашањата кои ќе бидат дискутирани на денешниот состанок на претставниците на клубовите Првата МФЛ со челниците на Фудбалската федерација на Македонија.

„Натпреварувачката комисија во ФФМ постојано ги следи настаните поврзани со вонредната состојба во нашата држава и епидемиолошката состојба, а ФФМ како водечко фудбалско тело сеуште е во исчекување на препораките и мерките од координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус Covid-19 за евентуален почеток на тренинзите на фудбалските екипи. Токму од тие препораки и мерки ќе зависи евентуалното продолжување на националното фудбалско првенство, бидејќи веќе влегуваме во термини кои го загрозуваат доигрувањето на шампионатот“, велат од ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија има уште седум дена до конечниот одговор кој треба да го испрати во седиштето на УЕФА, дали и во каков формат ќе се доигра сезоната 2019/20 во Првата фудбалска лига.
Здравјето на актерите секако треба да биде најважниот елемент. Но, клубовите си ги гледаат своите интереси…

„За Фудбалската федерација на Македонија здравјето на фудбалерите и фудбалските работници е на прво место и тоа е единствениот предуслов во подготовката за враќање на тренинзите на екипите од МФЛ и продолжување на националното првенството. Нашата „Куќа на фудбалот“ сите препораки и мерки ги услогласува во соработка со координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус Covid-19“, потенцираат од ФФМ.

Се вчитува...