Фудбалската федерација на Македонија и Државната Видеолотарија на Македонија потпишаа договор за меѓусебна соработка во наредните три години.
Заедничката соработка на ФФМ и ВЛТ беше промовирана во хотелот „Хилтон“ во Скопје каде директорот на А-репрезентацијата, Дени Масев кој се заблагодари на поддршката која во иднина ќе ја има македонскиот фудбал.
„Секогаш е убаво кога добивате вистински поддржувач на своја страна. Куќата на фудбалот добива нов партнер во ВЛТ, на кого му искажуваме благодарност за поддрѓката. Видеолотарија на Македонија влегува во нашето фудбалско семејство, па се надевам дека во иднина ќе имаме уште многу победнички моменти. Посебна благодарност до господинот Аднан Шариќ кој ќе биде наш голем поддржувач“ – изјави Масев на денешното официјализирање на соработката.
Благодарност до ФФМ искажа маркетинг директорот на ВЛТ, Вики Чадиковска.
„Многу сме среќни што имаме шанса да бидеме дел од оваа убава спортска историја. Нашата компанија веќе шест години дава безрезервна поддршка на спортисти и екипи. ФФМ се наоѓа пред еден исклучителен предизвик – настапот на Европско првенство, ние три децении го очекувавме ова и затоа сакаме на некој начин да дадеме поддршка. Ние како сериозна компанија, освен ова партнерство имаме соработка и со Горан Пандев кој е нашето заштитно лице, исто како и селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров, а наши заштитни лица се и кошаркарката Едина Муса како и автомобилистот Игор Иџе Стефановски. За нас спортот е важен и поради тоа сакаме да бидеме дополнителен поттик за нашите спортисти“ – истакна Вики Чадиковска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА