ФФМ ќе гради нов стадион за репрезентациите во општина Аеродром

Фудбалската Федерација на Македонија ќе почне со изградба на нов стадион на кој ќе настапуваат репрезентациите на Македонија во иднина. Според проектот, истиот ќе биде изграден на територијата на општина Аеродром, во рамките на „Куќата на фудбалот“.

Одлуката денеска беше и официјално денесна од страна на Управниот Одбор на ФФМ, со што се отпочна постапката за изградба на новиот репрезентативен стадион.

Фудбалската федерација на Македонија заедно со општина Аеродром е носител на проектот. Во изградбата на капиталниот фудбалски објект, исклучително важна е поддршката од Владата на Република С. Македонија. Проектот за новиот репрезентативен стадион е директно поддржан со средства од УЕФА и ФИФА преку програмите за подобрување на фудбалската инфраструктура.

„Поттикнати од искрената желба и отвореноста за помош и поддршка од општина Аеродром и градоначалникот Муцунски, но и државните институции и по одржани неколку состаноци со одговорните луѓе во УЕФА и ФИФА, заедно со членовите на У.О. на ФФМ донесовме одлука за изградба на нов, репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“. Започнуваме постапка за изградба на стадион со минимален капацитет од 12.000 гледачи по сите критериуми на УЕФА и ФИФА за одигрување на клупски и репрезентативни натпревари од највисок ранг. Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Воедно, на денешната седница на УО беше донесена одлука за нов селектор на У15 репрезентацијата да биде именуван Дашмир Деари,додека предводник на У14 селекцијата ќе биде Раде Каранфиловски.

Финалето во Купот на Македонија во сениорска конкуренција ќе биде одиграно на 20. мај на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...