По денешниот натпревар од 10. коло во ПМФЛ, меѓу Шкендија Арачиново и Струга ТЛ, од Фудбалската федерација на Македонија преку соопштение информираат дека ќе биде иницирана дисциплинска постапка за домашниот тим од каде, преставниците на екипата и неслужбени лица, влегле во судиската соблекувална и неспортски, навредливо и вулгарно упатувале навреди кон судиите и официјални лица на ФФМ, а инцидентот е записнички констатиран.
Преку анализа на судењето од ФФМ информираат и дека сосема оправдано, по интервенција на ВАР, е досуден и пенал за гостите на натпреварот.
СООПШТЕНИЕТО ОД ФФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
На денешниот натпревар од 10. коло од Прва МФЛ меѓу екипите на ФК Шкендија Арачиново и ФК Струга ТЛ се случи клучна ситуација за ВАР интервенција во 24. минута од натпреварот.
Имено, напаѓачот со бр. 9 од екипата на ФК Струга ТЛ е недозволено и неспортски, под прекршок со влечење и задржување е спречен да продолжи со акцијата кога топката е додадена од негов соиграч во ситуација кога истиот е во очигледна шанса непречено да постигне гол. Доколку напаѓачот не е под очигледен прекршок би стигнал прв до топката и би стекнал јасна предност пред одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа, кој веќе нема можност да игра со топката, задоцнува во одбраната, па со прекршок со двете раце го влече и задржува противничкиот напаѓач со што го спречува во очигледна шанса за постигнување погодок.
Главниот судија и покрај очигледниот прекршок, првично не реагира и дозволува играта да продолжи. ВАР судиите правилно го отвораат ВАР Протоколот и влегуваат во проверка на оваа ситуација, по што правилно интервенираат и препорачуваат преглед на снимка на терен (OFR) за можен прекршок за казнен удар и дисциплинска мерка директен црвен картон за спречување очигледна шанса за гол (DOGSO).
Главниот судија по извршен преглед на ситуацијата, правилно ја променува својата првична одлука, досудува казнен удар и му покажува директен црвен картон на одбранбениот играч.
Во оваа ситуација во целост е испочитуван ВАР протоколот и точно се применети критериумите од Правилата на фудбалската игра за прекршок за казнен удар и за спречување на очигледна шанса за гол.
Воедно, укажуваме и ја известуваме јавноста дека домашната екипа ФК Шкендија Арачиново, по вторпат и на ист начин, неосновано и субјективно, преку преставниците на екипата и неслужбени лица, влегле во судиската соблекувална и неспортски, навредливо и вулгарно упатувале навреди кон судиите и официјални лица во Фудбалската федерација на Македонија, а инцидентот е записнички констатиран.
Фудбалската федерација на Македонија и Судиската организација најостро го осудуваат ваквото недолично, нецивилизирано и крајно неспортско однесување, кое претставува директен напад врз интегритетот, достоинството и безбедноста на службените лица. Спортската немоќ, непознавањето на Правилата на фудбалската игра и непочитувањето на основните спортски вредности не можат и никогаш нема да бидат оправдување за навреди, закани, притисоци и неосновани напади врз судиите и официјалните лица на Федерацијата, особено кога станува збор за правилно донесени одлуки во согласност со Правилата на фудбалската игра и ВАР протоколот.
За ваквото однесување ќе биде иницирана соодветна дисциплинска постапка пред надлежните органи на ФФМ.
На соопштението од ФФМ реагираа од Шкендија Арачиново кои велат дека се изненадени што од една институција се користат навредливи квалификации за нивни клуб, кој е членка на федерацијата.
„Особено загрижува фактот што самата федерација, која повикува на почитување на достоинството и спортските вредности, користи изрази како „нецивилизирани“, „недолични“ и „спортски немоќни“ за да ги опише претставниците на еден од своите клубови членки. Ваквиот речник е неприфатлив и не и доликува на највисоката фудбалска институција во државата. Затоа, нашата реакција е следна“ – се вели во соопштението на Шкендија Арачиново во кое се дополнува:
„Непочитувана Федерацијо на сè друго, само не на фудбалот! Доколку претседателот на клубот не е официјално лице, тогаш кој е? Дали требаше да премолчиме, да наведнеме глава и да не реагираме, иако нашиот капитен беше навредуван на најпрост можен начин од главниот судија? Шкендија не е клуб што ќе наведне глава! Непочитувани. Нашата спортска моќ никако не може да се измери во лига во која судиите најдиректно влијаат врз резултатите од натпреварите. Правилата на фудбалската игра ги учиме од вас, а како најдобар пример ни служи натпреварот Македонија у21 – Русија у21. Кога веќе зборуваме за нецивилизирано и неспортско однесување, да ве потсетиме вас и јавноста дека по натпреварот Вардар – Шкендија, претседателот на Федерацијата нè чекаше на излезот за да се пресмета со нашата управа, наводно затоа што некој му го навредувал синот. За овој настан постојат и снимки од безбедносните камери. Објавете ги! Нека види јавноста кој како се однесува и кој навистина го нарушува достоинството на фудбалот!
И за крај, уште еден, последен апел до вас:
Политиката надвор од фудбалот! Ве молиме, оставете нè да играме фудбал. Ве молиме, оставете нè да ја вратиме публиката на стадионите. Ве молиме, дозволете да победи подобриот, а не победникот да го одредува судијата. Шкендија нема да молчи пред неправдите и нема да наведне глава!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
