Македонскиот фудбал ги понесе сите награди за 2020 година.
Фудбалската федерација на Македонија е најуспешна федерација на Македонија за 2020 година, селекторот на фудбалската репрезентација, Игор Ангеловски е најдобар тренер на Македонија за 2020 година а Фудбалската репрезентација на Македонија е наградена за најдобар национален спортски тим за 2020 година, во изборот на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортови на Македонија кој вечерва се одржува во А1 арената во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Оваа 2020 година сите посакувавме што побрзо да заврши заради пандемијата. Но, за нас беше најуспешна година и горди сме што ќе бидеме на Европско првенство. Наша обврска е да ги овозможиме сите услови за сите стручни штабови и сите фудбалери за да дојдат до успеси. Но, не застануваме тука. Овој успех е обврска да продолжиме уште повеќе преку стратешки и проектен пристап за подобрување на сите фудбалски услови“ – истакна генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
„Оваа награда ми претставува огромна чест и задоволство, затоа што успеавме да стигнеме до историски успех кој сите го чекавме 30 години. Затоа искажувам огромна благодарност до фудбалерите преводени од нашиот капитен Горан Пандев со кои напорно работевме пет години да дојдеме до овој успех и не направија среќни и горди. Голема благодарност и до мојата сопруга Тања и моите три деца кои се мој огромен мотив и огромна поддршка. Се надевам дека во иднина ќе се радуваме на уште поголеми успеси“ – истакна селекторот Ангеловски.
Наградата во име на македонската фудбалска репрезентација ја прими директорот Дени Масев.
„Голема благодарност во име на целата репрезентација и Фудбалската федерација на Македонија. Ние одевме по паролата ‘тивка вода – брег рони’, верувавме во успехот и полека го градевме тој успех. Заедно со фудбалерите ќе се обидеме да ја израдуваме јавноста и на Европското првенство. За тоа се заслужни фудбалерите и претседателот Муамед Сејдини кој е човекот кој го контролира крвотокот на македонскиот фудбал. Овој успех ни го донесоа фудбалерите но и целокупната Фудбалска федерација на челот со претседателот Сејдини која даде извонредна логостика и го овозможи патот до успехот“ – истакна директорот на репрезентацијата Дени Масев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА