ФФМ потврди: Беса се повлече од Втората лига

Тоталниот колапс на ФК Беса од Добри Дол денеска е и официјален, откако ФФМ ги потврди најавите дека овој клуб нема да се натпреварува во Втората лига, откако пред неколку месеци испадна од елитното друштво.

Беса беше поразена во баражот од Башкими и се пресели во Втората лига, но веднаш се појавија најави дека овој тим ќе доживее целосен распад. Ова попладнево со соопштение беше потврдено и од страна на Фудбалската Федерација на Македонија, која добила допис дека Беса нема да биде дел од Втората лига.

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека ФК БЕСА 1976 АД Добри Дол официјално прати известување до ФФМ дека нема да настапува во Втората македонска фудбалска лига во сезоната 2025/2026.

Од клубот информираат дека во текот на денешниот ден до ФФМ ќе биде доставена и формалната одлука од Бордот на директори со образложение за постапката.

Во однос на понатамошните чекори, ФФМ ќе донесе одлука дали и како ќе биде постапено со испразнетото место во лигата. 

ФФМ ќе ја донесе конечната одлука до утрешното извлекување на распоредот за новата натпреварувачка сезона, закажано за 30. јули 2025 година“, се вели во соопштението на ФФМ.

Се вчитува...