ФФМ повикува да се заборави на гратисите, Омерагиќ и Пандев купија 400 билети

Фудбалската федерација на Македонија, како што е познато, одлучи сите средства од билетите за утрешниот натпревар со Велс во квалификациите за СП 2026 да бидат донирани на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани, во која згаснаа 59 млади животи.

Според последните информации, утре од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје се очекува да има повеќе од 20.000 навивачи кои покажуваат дека сакаат да дадат поддршка на националниот тим и да се солидаризираат со семејствата на настраданите.

Од ФФМ, пак, денеска повикуваат сите македонски граѓани да заборават на гратисите и за овој дуел да дојдат и да бидат дел од донаторската акција за Кочани.

А, максимална солидарност искажаа и првите луѓе на федерацијата. Претседателот Масар Омерагиќ купи 300 билети за утрешниот натпревар кои ќе бидат донирани, а 100 билети купи и директорот на националните селекции при ФФМ, Горан Пандев.

Повик за бесплатно да го следат натпреварот од Фудбалската федерација на Македонија испратија до сите основни училишта во земјава, со цел дечињата организирано да дојдат на трибини.

Се вчитува...