Битола повторно се враќа и како репрезентативен центар на Македонија со одлуката на Фудбалската федерација квалификацискиот натпревар на младите селекции на Македонија и Италија до 21 година, закажан за 9. септември да биде во градот на конзулите.
Фудбалската федерација на Македонија интензивно работи на исполнување на сите технички и инфраструктурни критериуми, согласно утврдени стандарди, со цел стадионот во Битола да добие лиценца за организација на УЕФА меѓународни натпревари. Желбата на ФФМ е, како што информира претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, Битола во иднина да биде база на младата репрезентација.
Но, факт е дека има и сериозен проблем при гостувањето на големите европски селекции.
„Сакам репрезентативниот фудбал, особено сениорскиот, да се игра и надвор од Скопје. Битола веќе има капацитет за тоа, но би сакал уште најмалку два града да добијат можност да бидат домаќини на нашата репрезентација. Ќе направиме се што е во наша надлежност, македонската репрезентација до 21 година да игра во Битола во квалификациите, но мора да биде јасно дека и низа други работи треба да се исполнат за да се случи тоа. Тоа првенствено се однесува на хотелското сместувачки капацитети кои претставуваат сериозен проблем. Италија, нашиот противник во квалификациите бара речиси исти услови како и за А репрезентација, со навистина сериозни сместувачки капацитети. И, мора да работиме на тоа, со значајна поддршка на локалната самоуправа. Но, исто така треба да се направат уредувања и на „старата“ трибини на стадионот. Веќе разговаравме со градоначалникот на Битола и насоките се позитивни“ – вели Масар Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

