Фудбалската федерација на Македонија одговори на реакцијата на ФК Силекс кој по вчерашниот натпревар од четвртфиналето во Купот на Македонија изрази незадоволство од судењето на дуелот против Вардар, на кој црвено-црните победија со 1-0.
ФФМ, во своето соопштение, информираше дека ФК Силекс „е единствениот клуб кој во изминатите две кола од Прва МФЛ и за мечот од Купот на Македонија низ разни „канали“ бараше делегирање на посакувани судии за своите натпревари“.
РЕАКЦИЈАТА ОД ФФМ ДО ФК СИЛЕКС ВИ ЈА ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Во однос на последно објавеното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамки на ФФМ на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетичките, неоснованите и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање на судии. Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ што работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал.
Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионално и одговорно управување, без да подлегне на надворешни притисоци или било какви други влијанија, а ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме било каков обид за манипулација и нарушување на угледот на ФФМ и нејзините официјални претставници.
Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР технологијата за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на Судиската организација е оставена на стручните лица, членови на истата и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на било кој член на судиската организација ќе минат без последици.
Во таа насока, загрижува фактот што ФК Силекс е единствениот клуб кој во изминатите две кола од Прва МФЛ и за мечот од Купот на Македонија низ разни „канали“ бараше делегирање на посакувани судии за своите натпревари.
Се разбира, преку ТВ Сител даваме можност во „Куќа на фудбалот“ да добијат потврда и докази на овие тврдења, но само доколку јавно во своите информативни изданија ги споделат доказите за посоченото. ФФМ е подготвено да ги објави.
Загрижувачки е тоа што телевизиски канал, во директни врски со ФК Силекс, ја користи својата медиумска моќ за да врши непотребен притисок врз ФФМ врз основа на неосновани тврдења. Времињата кога надворешениот притисок и закани можеше да влијае на раководните тела на фудбалот поминаа.
Изнесените квалификации и манипулации во овој случај не служи како ваше алиби за резултататите, туку многу повеќе. Самите не верувате во соопштението и го користите најгрубиот начин во намерата да создадете алиби и да ја обвините Судиската организација и ФФМ за вашите резултати оваа пролет. Простете, но исполнување желби, повеќе нема да има.
Загрижувачки, но во исто време и недолично за еден од најдобрите клубови во Македонија е што дозволува во своите структури да биде инволвирано лице со сомнително минато и фудбалски манипулатор со постапки кои не веруваме дека и се познати на сопствениците на ФК Силекс.
Долг е списокот на натпревари на кои директно беа оштетени клубовите – противници на ФК Силекс, но доколку сакате, немаме проблем повторно да ги посочиме.
Имаме разбирање дека тешко се забораваат старите навики и претходниот начин на дејствување и треба време за да се прифати еден нов, професионален и чесен начин и пристап на работа.
Се надеваме дека ќе ги осознаете своите лични и колективни потенцијали и евентуални квалитети со вредностите кои ги промовираме и повторно ќе го вратите Вашиот клуб патот на успехот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

