Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со цел подобрување на условите во делот на медицинските тимови на клубовите од МФЛ и посветувајќи грижа за здравјето на фудбалерите и учесниците на натпреварите од домашниот шампионат, донираше дефибрилатори за сите, шеснаесет екипи, од Втора МФЛ.
Тимовите од Прва МФЛ преку нашата федерација, во текот на ланската натпреварувачка сезона добија автоматизирани дефибрилатори, а нивните лекарски тимови ги следеа едукативните програми за реанимација и употребата на дефибрилатори меѓу лекарите, тренерите и играчите.
Срцевиот удар е можеби една од главните причина за смрт кај фудбалерите на теренот, а редовните прегледи на срцето и соодветните мерки за прва помош (како што е итна реанимација и употреба на дефибрилатор) можат да помогнат да се спречи смрт од срцеви проблеми.
„Фудбалската федерација на Македонија навистина прави големи напори за снабдување на сите национални тимови со медицинска опрема и апаратура, но исто така, посветува внимание и дава помош во опрема и медицински апарати и за екипите од МФЛ, вклучувајќи го и женскиот фудбал и футсалот. За нас, исто така е многу важно што освен донацијата со медицинска опрема, како тело во федерацијата кое се грижи за здравјето и медицината, континуирано одржуваме едукација на физиотерапевтите и лекарите ангажирани во клубовите и во репрезентативните тимови. Оваа година го оддржавме и важниот семинар за лиценцирање на лекарите и физиотерапевтите во МФЛ под покровителство на УЕФА. Комисијата за медицина и антидопинг согласно приоритетните потреби на клубовите од медицински аспект, доставува листа на потребна лекарска опрема и апаратура за клубовите, а Управниот одбор на ФФМ знаејќи ја важноста, ја одобрува и на тој начин даваме придонес за подобрување на медицинските капацитети на нашите клубови. Во овој случај тоа се дефибрилатори за сите екипи од Втората лига. Знаеме дека ненадејниот срцев удар може да се случи насекаде, па и на фудбалските терени и затоа сметаме дека е неопходно тимовите да бидат снабдени со потребните автоматски дефибрилатори. Освен тоа, на лицата задолжени за лекарска помош во клубовите, нашата федерација им овозможи едукација за реанимација и итна интервенција со употреба на донираните дефибрилатори. Во иднина ќе продолжиме во таа насока, да бидеме подобар сервис на клубовите и од медицински аспект, а следната наша намера е да се набават медицински торби опремени со медикаменти согласно медицинските УЕФА стандарди за сите учесници во МФЛ“, изјави Д-р Невзат Јонузи – претседавач на Комисија за медицина и антидопинг во ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА