Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини на денешната прес-конференција истакна дека вчерашното соопштение на Агенцијата за млади и спорт во кое информира дека согласно одлуката на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, Решението за усогласување на Статутот на Фудбалската федерација на Македонија со Законот за спорт е правосилно и извршно, и ФФМ мора да го усогласи актуелниот Статут којшто е спротивен на Законот за спорт и со позитивното право, е една голема невистина.
Сејдини информираше дека има одлука по тужба на ФФМ усвоена од Управниот суд со која се поништува одлуката на Државната комисија за одлучување во втор степен, притоа презентирајќи ја пред медиумите.
„Најмалку што сакавме во едно вакво време, во денови кога се слави македонскиот фудбал и нашите резултати е да зборуваме за работи кои не се поврзани со играта, лигата или репрезентациите, но некогаш едноставно – немате избор. Сакаме сега со факти и одлука на хартија да им покажеме и потврдиме колку не знаат и колку не се срамат што не знаат. За тоа, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт – се одговара“ – истакна Сејдини, дополнувајќи дека до него се пристигнати шпекулации дека во текот на вчерашниот ден претставници на клубот се повикувани во државни институции присилувани да потпишуваат некаква поддршка за бојкот на Генералното Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, уценувани со поделбата на ваучерите.
„Шпекулациите одеа дотаму што на големо се споменуваше и името на Премиерот на нашата држава. Одбивав да верувам во таквите „игри без граници“ се додека не го прочитав соопштението од Агенцијата за млади и спорт објавено на нивната официјална страна. Во известувањето од Агенцијата за млади и спорт се вели дека при извршен инспекциски надзор во Фудбалската федерација на Македонија се утврдени низа неправилности спротивно на Законот за спорт. Наведуваат дека решението било обжалено и после сите институционални и законски процедури и рокови, жалбата беше отфрлена како неоснована од страна на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението стана правосилно и извршно и против него не е дозволена жалба. И сега доаѓаме до моментот од кој треба да се срамиме сите ние од начинот на кој постапуваат одредени наши инситуции, во овој случај највисокото државно тело за спорт. Вистина е дека решението на второстепената комисија е конечно и против истото нема право на жалба. Но, има право на тужба против, на овој начин, донесениот управен акт. ФФМ согласно законите поднесе тужба со која поведе Управен спор против државната комисија за одлучување во втор степен во врска со нејзиното Решение. И бидејќи овој „сакам кажам – не знам речам“ начин на комуникација е нивен избор, а ние „на сила“ сме принудени да се браниме од нешто што не е вистина, еве, тука пред вас и пред цела јавност ја објавувам пресудата од поднесената тужба против поништеното решение кое Агенцијата за млади и спорт најави дека ќе го спроведува. Пресудата вели дека тужбата на тужителот Фудбалска федерација на Македонија се уважува а еешението се поништува. За ова, драг Наумче Мојсовски, директор на Агенција за млади и спорт се одговара. За ваквиот начин на постапување се известени УЕФА и ФИФА, кои го следат овој случај од моментот кога се вршеше инспекцискиот надзор. Известени се за сите одлуки и начинот на кои се носени тие одлуки“ – истакна Сејдини.
Притоа претседателот на ФФМ нагласи дека доколку има одредено незадоволство од клубовите секако може да се дојде до решение.
„Ако клубовите искажуваат некакво незадоволство секогаш има решение. Решение се наоѓа. Фудбалските клубови имаат два начини да дојдат до Собрание на ФФМ: Еден преку Здружение на прволигаши и второлигаши, и вториот преку Општинските сојузи. И ние тоа никогаш не сме го оспориле. Многу пати досега и на бројни состаноци во ФФМ сме истакнале дека е неопходно да формираат свои здруженија. Зошто тоа не се прави, ние не сме виновни“ – вели Сејдини, кој не бега и од тоа да се извршат корекции на Статутот на ФФМ, но сето тоа со формирање на заедничка комисија и под сугестија на ФИФА и УЕФА, затоа што тие тоа го наложуваат од ФФМ.
„Ние не бегаме од корекција на забелешките дадени за промени на Статутот на ФФМ. И претходно кажавме дека на сето тоа ќе работи заедничка комисија и со АМС и со надлежните интернационални институции на кои сме членка. Но, сето тоа ќе биде после Изборното собрание на ФФМ, затоа што имаме налог од ФИФА дека претходно не може и не смеат да се извршуваат статутарни промени“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

