ФФМ со силна поддршка од ФИФА и УЕФА, најави за нови инфраструктурни проекти и максимални услови за сите национални тимови во 2023 (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Фудбалската федерација на Македонија денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје го одржа Редовното годишно собрание на кое во присуство на 60 од 62 делегати беше потенцирана желбата на секој поединец кој е вклучен во фудбалот за континуитет на сите успешни проекти кои се почнати од федерацијата.

ФФМ наиде на пофални зборови од претставниците на ФИФА и на УЕФА кои најавија и далеку поголема поддршка за македонската федерација, и од финансиски аспект, за следните години во кои македонскиот фудбал го очекуваат нови проекти.

„Искрени поздрави од нашиот претседател Џани Инфантино и генералната секретарка Фатма Самура, кои посакаа тука во Скопје да ја пренесам одличната соработка на ФИФА со ФФМ која повеќе од успешно ги спроведува сите програми што ги нуди ФИФА, со посебно нагласување на ФИФА Форвард-програмата. Сите сме задоволни што средстватасе користат на вистински начин се со цел ефикасен развој на фудбалот. Честитки за посветеноста и напорната работа, а ФИФА ќе продолжи да ве поддржува“ – истакна претставникот на ФИФА, Елкан Мамадов, на кого се надоврза и претставникот на УЕФА, Денис Бастари.

„Покажуваме солидарност и поддршка едни за други, а таа обединетост и солидарност е клуч за надминување на сите потешкотии. Треба да продолжиме да го развиваме фудбалот, а со зголемениот обем на хет-трик програмата на УЕФА ние ќе продолжиме да го поддржуваме фудбалот во Македонија. Сигурен сум дека ќе продолжиме со успешните проекти, а продолжувајќи со ФФМ по истите патеки како и досега. Фудбалот мора да го одржиме на ова атрактивно ниво и вие ја имате нашата поддршка на тој пат“ – рече Бастари.

На почетокот од Собранието беа верифицирани и мандатите на новите делегати кои доаѓаат од ОФС Тетово, Јовица Илиевски, Мухадин Исмаили и Дритон Муслиу а беше изнесен и позитивниот финансиски извешта. ФФМ изминатата 2022 година, од вкупниот буџет од 19,866 милиони евра ја завршила со плус од 4,2 милиони евра.

Позитивниот финансиски ефект носи најава за нови проекти во следниот период, пред се во насока на подобрување на условите за работа на репрезентативните селекции.

 

Се вчитува...