Новото продолжување на мерките како превенција од коронавирусот со препорака спортските натпревари во земјава да се одржуваат без публика се до 13. март, се повеќе ја нагласува можноста и полуфиналниот бараж-натпревар од Лигата на нациите за пласман на ЕП 2020 меѓу Македонија и Косово на 26. март во Скопје да се игра без публика.
Од ФФМ нагласуваат дека се следи целокупната ситуација во координација со Министерството за здравство, и дека во иднина ќе мора да се почитуваат сите мерки кои ќе ги донесе Владата на РСМ. За се ќе има и консултации и со УЕФА која ја следи состојбата во секоја земја посебно.
„Имавме и во Амстердам за време на Конгресот на УЕФА консултации на оваа тема. Може да кажам дека ние како федерација мора да ги почитуваме препораките од Владата и сигурно натпреварите од фудбалските лиги се до 13. март ќе се играат без публика. Засега натпреварот меѓу Македонија и Косово не е загрозен, што се однесува до терминот и играње со публика. Но, секако не се исклучува и можноста да се игра без публика, но се ќе зависи од одлуката на Министерството за здравство. Доколку има таква одлука ние ќе ја известиме УЕФА и во консултација и со Европската куќа на фудбалот дополнително ќе биде донесена одлуката. УЕФА ја следи состојбата и во сите други земји“ – вели портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
Билетите за натпреварот меѓу Македонија и Косово веќе се пуштени во продажба. Што во случај на одлука натпреварот да се игра без публика?
„Разговаравме и на таа тема со надлежните институции, па при една таква одлука тогаш на сите оние кои купиле билет без никаков проблем средствата ќе им бидат вратени“ – дополнува Андоновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА