ФИФА: Досега се продадени повеќе од еден милион карти за СП

Иако цените на билетите за натпреварите од претстојното Светско првенство се доста високи, продажбата ги урива сите рекорди. ФИФА тврди дека досега се продадени повеќе од милион билети.

Осум месеци пред почетокот на Светското првенство, а билетите се продаваат како првиот натпревар да ќе се игра следната недела. Според ФИФА, почетокот на продажбата на билети е одличен, а досега наводно се продадени повеќе од милион билети.

Сè уште има многу слободни места, квалификациите не се завршени и логично е дека овие денови најбараните билети се за натпреварите на еден од домаќините, селекцијата на Соединетите Американски Држави. Најевтиниот билет за натпреварите на Американците чини 1.640 долари.

ФИФА се пофали и дека досега билети купиле фудбалски навивачи од дури 212 различни земји. Иако досега само 28 репрезентации обезбедија место на Светското првенство.

„Додека националните тимови ширум светот сè уште се борат за место на историското Светско првенство, воодушевен сум што толку многу фудбалски навивачи ширум светот ја покажуваат својата желба да ги гледаат натпреварите. Ова е неверојатен настан и прекрасен знак дека најголемото Светско првенство во историјата ќе ја разбуди имагинацијата на луѓето ширум светот“, рече првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.

ФИФА вели дека најголемиот број продадени билети досега биле наменети за навивачи во земјите домаќини, САД, Канада и Мексико.

Се вчитува...