ФИФА дозволи: Елмас на тренинг со „ѕвездите“ на Фенербахче

Сонот наречен „Фенербахче“ станува реалност за Елиф Елмас, откако македонското „чудо од дете“ од вчера почна и со тренинзи со ѕвездите на турскиот спортски бренд. Како што е добро познато, Елмас по одличните настапи за Работнички и за младинската репрезентација на Македонија од бројните понуди од клубови ширум Европа ја прифати онаа на Фенербахче, па минатиот месец и дефинитивно замина за Истанбул.

Трансферот не може да биде комплетиран бидејќи според правилата на ФИФА фудбалерот не може да биде регистриран додека не наполни 18 години, но Фенербахче веќе испрати молба до светската куќа на фудбалот да биде направен исклучок за Елмас да може да почне да настапува за овој клуб веќе во првиот дел од оваа сезона, бидејќи Македонецот ќе стане полнолетен на 27 септември, а последниот рок за регистрација на нови фудбалери во Турција истекува на 8 септември.

ELMAS TRENING FENER

Во меѓувреме, ФИФА го прифати барањето на Фенер младиот фудбалер да може барем да тренира со остатокот од тимот. Турскиот клуб како аргумент наведе дека родителите на Елмас веќе се преселиле во Истанбул, поради што тој мора да остане во турската метропола, а држењето надвор од тренажен процес може да наштети на неговата кариера. ФИФА излегла во пресрет на ова барање на Фенербахче, па Елиф од вчера почна да тренира со остатокот од тимот.

Тој имаше можност да работи со Матиу Валбуена, Робин ван Перси, Мартин Шкртел и останатите ѕвезди на турскиот гигант, кои ќе му бидат соиграчи во новиот клуб. Во меѓувреме, се очекува ФИФА во следните десетина дена и официјално да пресече, дали ќе даде зелено светло за македонскиот ас да може од септември да настапува за Фенер, или ќе мора да почека до јануари.

Се вчитува...