ФИФА ги погази сопствените правила поради Роналдо

Факт е дека Кристијано Роналдо е магнет за публиката, спонзорите, парите… Но, малкумина очекуваа дека дури и поради него, организација како ФИФА ќе ги пречекори сопствените принципи и правила. Токму ова се случи со соопштението на светската куќа на фудбалот во врска со суспензијата што требаше да ја добие 40-годишниот Португалец.

Роналдо, како што е познато, доби директен црвен картон во Даблин против Република Ирска и поради тоа требаше да пропушти два натпревари во националниот тим. Првиот беше против Ерменија, а вториот требаше да биде на почетокот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.

Сепак, со вонредна одлука на ФИФА, Роналдо ќе игра и во првото коло од Светското првенство, доколку не го повтори таквиот чин до јуни следната година.

„Во согласност со член 27 од Дисциплинскиот кодекс на ФИФА, издржувањето на преостанатите два натпревари од суспензијата е продолжено на едногодишен пробен период. Доколку Кристијано Роналдо направи уште еден прекршок од слична природа и сериозност во текот на наведениот период, суспензијата автоматски ќе се активира. Ова не влијае на никакви дополнителни санкции изречени за новиот прекршок. Суспензијата од три натпревари е предмет на жалба до Комитетот за жалби на ФИФА“, се вели во соопштението на ФИФА.

Секако, за Роналдо важат двојни стандарди, и веднаш имаше коментари, со право, дека одлуката е донесена по вечера во Белата куќа во Вашингтон, на која присуствуваа Роналдо, првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, американскиот претседател Доналд Трамп, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман…

Треба да биде јасно како е поништена и изменета оваа одлука, што е во корист на маркетингот и промоцијата на Светското првенство, но во никој случај не е во корист на кредибилитетот на ФИФА, кој е драстично нарушен од ова.

„Под нормални околности, Роналдо треба да отслужи суспензија од три натпревари и да го пропушти почетокот на Светското првенство, но бидејќи нема ништо нормално кај португалската ѕвезда – тоа е тоа што е. На крајот на краиштата, ова беше неговиот прв црвен картон во 226 настапи во дресот со националниот амблем. Некои ќе речат дека правилата се правила и треба да се почитуваат, други, повторно, дека ова е одлука што им одговара и на Роналдо и на ФИФА, и дека до одреден степен беше очекувана“, пишува британски „Скај спортс“.

Се вчитува...