Челси дефинитивно нема да може да купува нови фудбалери во летниот преоден рок откако ФИФА донесе одлука да не ја одложува забраната за трансфери без оглед дали жалбата ќе биде разгледувана до крајот на месец јуни. Лондонскиот клуб се надеваше дека ќе успее со тактиката на Барселона, која по вложената жалба доби дополнителен преоден рок пред казната да стапи на сила, но од ФИФА денеска соопштија дека санкцијата изречена на премиерлигашот не може да се одложува.
„Челси заедно со жалбата поднесе и барање казната да биде одложена се до донесувањето на конечната одлука. Тоа барање денеска беше отфрлено“ – соопшти споуксменот на светската куќа на фудбалот.
Нема дилеми дека тоа ќе биде огромен удар за лондонскиот клуб, со оглед на фактот дека на овој клуб му се неопходни нови фудбалери за да се приближи до врвот на премиерлигашката табела. „Сините“ веќе го имаат регистрирано Кристијан Пулишиќ како нов играч од Борусија Дортмунд, но доколку се случи и Азар да си замине од „Стемфорд бриџ“ јасно е дека тоа ќе создаде уште поголема дупка во тимот на Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА