Светската фудбалска федерација (ФИФА) и забрани на данската репрезентација да тренира во дресови со пораки за почитување на човековите права на Светското првенство во Катар. Како што изјави портпаролот на Фудбалската федерација на Данска, Јакоб Хојер, светската куќа на фудбалот го одбила барањето на Данците да носат дресови со порака: „Човекови права за сите“.
Данска долго време се противи на организацијата на Светското првенство во Катар и го брани почитувањето на правата на работниците мигранти и ЛГБТ популацијата.
„Испративме барање до ФИФА, но одговорот беше негативен. Жалиме, но мораме да го земеме предвид“, изјави за данските медиуми генералниот директор на Здружението Јакоб Јенсен.
Здружението претходно најави дека дресовите за тренинзи ќе носат важни пораки и дека главните спонзори се договориле да ги заменат нивните обележја со тие пораки. ФИФА ги забранува сите политички пораки, а неодамна ги повика сите учесници да се концентрираат на фудбалот и да не се впуштаат во идеолошко-политички пресметки.
Фудбалскиот сојуз на Данска не се согласува дека ова е политичка порака, но ќе ја почитува одлуката на ФИФА, се додава во соопштението. На дресовите со кои Данска ќе игра на Мундијалот, производителот на опрема Хумел го затемни своето лого во знак на протест против катарските власти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА