Светскиот фудбал е во нокаут, огромна е опасноста за сериозен удар не само за моментно, туку и за долгорочно функционирање на клубовите, а тотален колапс се подготвува да спречи светската куќа на фудбалот. Од ФИФА стигнуваат информации дека претседателот Инфантино и неговите соработници се подготвени за своевиден „Маршалов план“, со кој би се ублажиле последиците што коронавирусот ќе ги остави врз фудбалската индустрија.
Свесни за сериозноста на ситуацијата, поради нарушените приходи од продажба на влезници и тв-права, водечките луѓе на светскиот фудбал се свесни дека најдобар начин да се приближи фудбалот до „нормала“ е со сериозна финансиска инјекција. А ако некој има пари, тоа е токму ФИФА, чии резерви изнесуваат 2,4 милијарди евра. Инфантино и неговите советници разгледуваат како овие пари би биле дадени на оние на кои ќе им бидат најнеопходни. Се планира формирање на „фонд за поддршка“, во кој ќе учествуваат 36 членови од шесте конфедерации, кои потоа ќе имаат за задача да им помогнат финансиски на оние на кои помошта навистина ќе им биде неопходна.
„ФИФА се наоѓа во цврста финансиска состојба и наша должност е да направиме се што е во наша моќ за да помогнеме во овој период. Затоа, можеме да потврдиме дека работиме на различни опции преку кои ќе му помогнеме на фудбалскиот свет. Ќе треба да извршиме целосна проценка околу финансиското влијание што оваа пандемија ќе го има врз фудбалот, по што ќе излеземе и со нашите конкретни мерки“, се вели во соопштението на ФИФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА