ФИФА ќе и исплати на Барселона пет милиони евра поради повредата на Гави

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе и плати на Барселона околу пет милиони евра поради повредата на играчот на каталонскиот клуб Гави, пренесуваат шпанските медиуми.

Гави заработи тешка повреда на коленото на натпреварот од последното коло од квалификациите за ЕП 2024 меѓу Шпанија и Грузија (3-1). Фудбалерот на Барселона ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено, поради што ќе биде опериран во наредните денови.

Тој ќе паузира меѓу седум и девет месеци, а ќе го пропушти и ЕП што следната година ќе се одржи во Германија. Шпанските медиуми потсетуваат дека според прописите, ФИФА е обврзана да му исплати пари на секој клуб чиј играч треба да отсуствува од терените повеќе од 28 дена, а се повредил во дресот на репрезентацијата.

Се вчитува...