ФИФА ќе преземе радикални потези за помош на Палестина

Поради актуелната ситуација на Блискиот Исток, фудбалската репрезентација на Палестина своите домашни натпревари во квалификациите за СП 2026 ги играше далеку од својата земја.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вчера вети поддршка од светската фудбалска федерација за реновирање на фудбалската инфраструктура во Газа, а денеска тоа повторно го нагласи со нови изјави. ФИФА ќе преземе радикални чекори и сака што поскоро да врати дел од спортската инфраструктура во Палестина.

Станува збор за брза изградба на помошни терени за тренинг, како и неколку нови стадиони.

„Многу е важно што ФИФА е тука за да поддржи, помогне, потпомогне и да обезбеди постигнување на овој мировен процес“, рече Инфантино откако потпиша документ во кој се наведени плановите за регионална стабилност и реконструкција.

„Улогата на фудбалот мора да биде да поддржува, обединува и дава надеж“, истакна Инфантино и додаде:

„Ќе помогнеме во обновата на сите фудбалски објекти во Газа, оживувајќи го фудбалот заедно со Палестинската фудбалска асоцијација.“

Палестинската фудбалска репрезентација стигна до третата фаза од квалификациите за Светското првенство во 2026 година. Во групата Б, Палестинците го освоија петтото место со десет бода, а останаа без дополнителен бараж само поради гол на самиот крај од натпреварот против Оман, кога ремизираа 1-1 во натпревар каде што им беше потребна победа.

Со пласманот во третата фаза од квалификациите, Палестинците го обезбедија својот настап на Азискиот куп во 2027 година.

Се вчитува...