ФИФА „краде“ македонски идеи и иновации!

Kонзервативноста во примената на фудбалските правила во новата фудбалска ера, низ која секако со брзо темпо се зголемува динамиката, транспарентноста, квалитетот но и финансиските ефекти, носи неизбежна трка за подобрување на правилата кои скоро стотина години беа „замрзнати“.

А, токму од Македонија, иако можеби малку познато за домашната спортска јавност, лежат идеите кои веќе на голема врата преку новите правила на фудбалската игра сега се имплементираат од страна на ФИФА и УЕФА, а кои пред повеќе од една година ги промовираше еден од најистакнатите домашни спортски функционери, поранешен директор на Вардар, Работнички и Цемантарница, Драган Томовски .

Томовски уште во јуни минатата година ги промовираше своите идеи, визи и патенти за подобрување на методолигијата и средствата кои ги користат судиите на фудбалските натпревари, како и за решавање на горливиот проблем за „ефективно време на игра на натпреварите“.

Но, сега ФИФА преку своето тело ИФАБ, по испратените предлози од страна на Томовски до нив, промовира токму решенија на овие проблеми кои на некој начин треба да донесат свежина во фудбалската игра.

„Факт е дека фудбалот во новиот век неверојатно се комерцијализира. Постојат и информациии дека во фудбалот и околу него се вртат четири милијарди луѓе. За поголема транспарентност на фудбалот и дополнително зголемување на популарноста телото на ФИФА, ИФАБ, има за задача да ‘интервенира’ и ги подобри фудбалските правила. Како човек посветен на фудбалот и повеќе негови аспекти, размислував дали евентуално би можел да дадам свој придонес“ – вели Томовски, притоа дополнувајќи за двата проекти кои претходно беа доставени до ФИФА и УЕФА.

„Првото е патент со заштитено авторско право, што во превод значи дека ,никој порано во светот ја немал таа идеја. Овој проект го подготвив во времето кога работев за Херенвен (од 1999-2001 година) со морална но и материјална поддршка на клубот. Се работи за моја проценка дека методологијата и средствата кои ги користи судијата се застарени и новата технологија обезбедува можност сите ‘инструменти’ кои ги користи судијата да се заменат со минитаблет (компјутер) во иста големина и тежина како нотесот и картонот.
На кратко, овој уред, би бил користен со допир и обележената информација истиот момент би одела на десетици вида на консументи и тоа: Семафорот, Централниот компјутер на стадионот, протоколот (би бил готов со завршување на натпреварот), новинарските места, прес центарот, ТВ преносот, Фудбалската федерација, УЕФА, Обложувалниците, претплатените интернет портали. Уредот според доделениот картон би менувал боја во жолта или црвена. Би имал микрофон за комуникација со помошните судии и би имал микрофон поврзан со разглас на стадионот за објаснување на некои судски одлуки што актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино го најави како новост на светската јавност 21 година откако јас го патентирав. Тоа не беше единствената функција која е превземана од мојот патент. Овој патент е испратен до ФИФА уште во април 2002 година од каде добив одговор дека ФИФА во тој момент не е заинтересирана за мојот патент. Инаку патентот Освои медал на Светскиот Саем на иновации во Сеул, Јужна Кореја.
Истата година добив и ноемвриска награда за тоа дело“.

Второто дело е, пак, за конкретно решение околу проблемот со „ефективното време на игра“ на натпреварите…

„Овој актуелен проект не е патент, туку авторско дело кое го заштитив како интелектуален труд во 2022 година. Размислувајќи за самата фудбалска игра и се уште недоволно ефикасно решени проблеми во нејзиното одвивање, дојдов до заклучок дека како мене така и сите фудбалери, тренери, публиката па и судиите, најмногу ги нервира ‘крадењето време’, симулирање, и оддолжување на играта на секој можен начин. После повеќе од година дена размислување и безброј варијанти, кои на крај не ми се допаднаа се концентрирав на една, која се покажа дека никој не ја претпоставил. Поаѓајќи од фактот дека фудбалот, како најпопуларен спорт, сам си ги пишува правилата, се концентрирав на идејата што кога фудбалот би промовирал и би бил прв спорт во кој времето би се мерело на два начина: Првото мерење како досегашното, се до 90. минута, а потоа судиските продолженија да се мерат во ефективно време (како ракомет, кошарка…). Мерејќи ги потоа ефектите и самиот се изненадив колку многу, ова правило би придонело до намалување на симулирањата во судиските продолженија, но и во регуларниот дел, колку би му била олеснета должноста и одговорноста на судијата, колку натпреварот би бил потранспарентен за публиката, колку би се намалил бројот на инциденти (посебно во судиското екстра време), колку исходите би биле поправедни (сетете се на натпреварот Валенција-Реал Мадрид 2-2 ,кога Реал во последната секунда даде гол а кој не се призна по што имапе неколку црвени картони). Овде немаме ни време ни простор да ги дадам сите ефекти и образложенија“ – истакнува Томовски.

ФИФА НУДИ РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМОТ СО „ЕФЕКТИВНОТО ВРЕМЕ“ НА БАЗА НА ВЕЌЕ ПРОМОВИРАНАТА ИДЕЈА ОД МАКЕДОНИЈА

По презентацијата на овие идеи и проекти во јуни минатата година, истото минатата година веднаш испратено до официјалното тело на ФИФА за оваа проблематика, ИФАБ. Па, наскоро се очекува ФИФА да промовира и решение токму базирано на идеите кои потекнуваат од Македонија.

„Делото ми е заштитено при што истото го испратив официјално до телото на ФИФА – ИФАБ. Исто така овој проект, пред шест месеци, благодарение на една од најистакнатите македонски фудбалски личности во интернационални рамки, Ненад Монев, беше доставен и до ЕКA – Здружението на најголемите европски клубови, каде исто така неформално наишол на одобрување и спремност по него да се дискутира. Мислам дека треба да се знае од каде потекнуваат овие предлози и идеи затоа што Македонија и македонскиот фудбал секогаш нуделе и нудат визии за фудбалската игра на светско ниво, но тие свесно не заобиколуваат. Затоа можеби е неопходно фудбалски вистински да се обединиме и во иднина настапуваме заеднички, предводени и од фудбалската федерација, во борба за нашето место и нашите права. Мислам дека вака крупна работа, евентуално реализирана во планетарно најпопуларниот спорт може да има силен придонес за позицијата на македонскиот фудбал во светски рамки“.

Се вчитува...