ФИФА ги обвини медиумите дека се обидуваат да ја „поткопаат“ работата на претседателот Џани Инфантино и да го урнат кредибилитетот на организацијата. Во официјално соопштение на веб страницата, ФИФА ги отфрли тврдењата дека Инфантино во периодот кога бил генерален секретар се потрудил Манчестер Сити и Пари Сен Жермен да ја избегнат строгата казна за прекршување на финансискиот фер-плеј.
Двата клуба беа казнети за прекршување на регулативата во сезоните 2011/12 и 2012/13 и беа санкционирани со по 49 милиони фунти, но потоа сумата беше намалена за две третини.
„И покрај тоа што многу прецизно и детално одговоривме на сите прашања, одредени медиуми решија да ги игнорираат одговорите и да ја извртат вистината во намерен обид да ја дискредитираат ФИФА. Од објавените текстови е очигледно дека се прави обид да се поткопа раководството на организацијата, особено претседателот Инфантино и генералната секретарка, Фатма Самура“ – стои во соопштението од светската фудбалска асоцијација.
Манчестер Сити и ПСЖ одбија да ги коментираат обвинувањата објаснувајќи дека нема да искажуваат став за тврдења кои произлегуваат од материјали стекнати на незаконски начин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА