ФИФА објави: Македонија ќе добие девет милиони евра ако игра на СП 2026

Македонија повторно ќе игра бараж за пласман на еден фудбалски мундијал, а покрај самата мотивација да се стигне до мундијалска виза „црвено-жолтите“ и предводниците на Фудбалската Федерација на Македонија се свесни дека тоа ќе донесе и значителна финансиска добивка за „куќата на фудбалот“.

Потврдата за тоа пристигна попладнево, откако ФИФА објави дека го зголемила вкупниот награден фонд за СП 2026 на огромни 558 милиоин евра.

Воедно, светската куќа на фудбалот објави и како ќе бидат распределени овие пари, па така самиот пласман на мундијалот ќе им донесе на сите репрезентации сума од 7,6 милиони евра, плус дополнителни 1,4 милиони евра што следат за подготовки за ова големо натпреварување.

Секако, сумата може да биде и далеку повисока во зависност од резултатите и конечниот пласман – ФИФА за селекциите кои ќе се пласираат од 33. до 48. место ќе додели по 7,6 милиони евра, на тимовите од 17. до 32. место по 9,3 милиони евра. Согласно прогресијата, премијата потоа се зголемува на 12,7 милиони евра за репрезентациите кои ќе завршат од деветто до 16. место.

Селекциите од петтата до осмата позиција ќе си заработат по 16,16 милиони евра, додека четвртопласираниот ќе инкасира 23 милиони евра, третопласираната репрезентација ќе добие 24,67 милиони. За вицепрвакот се резервирани 28 милиони евра, додека за шампионот огромни 42,5 милиони евра.

Се вчитува...