Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ја разгледува можноста за понатамошно проширување на Светското првенство, а новата идеја би можела целосно да го промени форматот на најпрестижното фудбалско натпреварување на планетата.
Според информациите што ги објави „Олеа“, ФИФА е подготвена да го поддржи предлогот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) за зголемување на бројот на учесници на Светското првенство во 2030 година на рекордни 64 национални селекции .
Доколку предлогот биде усвоен, турнирот би бил организиран во 16 групи од по четири екипи. Двете најдобро пласирани екипи од секоја група би се пласирале во нокаут фазата.
Светското пренство во 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија, Мароко, Аргентина, Парагвај и Уругвај. Само три натпревари од групната фаза се предвидени да се играат во јужноамериканските земји, додека остатокот од турнирот ќе се одржи во европски и африкански градови.
Да потсетиме дека ФИФА веќе одлучи да го прошири бројот на учесници на Светското првенство. Почнувајќи од Светското првенство во 2026 година , бројот на национални селекции ќе се зголеми од 32 на 48. Тој турнир ќе се одржи во Мексико, Канада и САД .
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

