ФИФА подготви 355 милиони долари за клубовите, неколку македонски прволигаши ќе добијат дел од парите

Светската куќа на фудбалот ФИФА, подготви 355 милиони долари за распределба на клубовите преку програма поврзана со Светското првенство, кое од 11 јуни до 19 јули идната година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.

Новитетот е тоа што клубовите кои дале репрезентативци кои учествуваат во квалификациите за Светското првенство, ќе земат надомест од страна на светската куќа на фудбалот. За првпат надомест се добива и за учество во квалификации, со оглед дека досега клубовите добиваа само за настапи на самиот Мундијал.

Ова е зголемување од речиси 70% во споредба со 209 милиони долари на клубовите, чии играчи настапија на последното Светско првенство во 2022 година во Катар. Исплатата е резултат на потпишување на Меморандум за разбирање потпишан од ФИФА и Европската клупска асоцијација во март 2023 година.

Ова значи дека дел од средствата ќе инкасираат и неколку македонски клубови. Во прв ред Струга ТЛ, чиј играч Бојан Илиевски во последно време игра стандарно во репрезентацијата, потоа треба да инкасира и Вардар за Роџерс Мато кој настапува во квалификациите за селекцијата на Уганда. Не е познато дали и Работнички ќе земе дел од „колачот“ со оглед дека доскорашниот нвини голман Игор Алексовски добиваше повици, но немаше официјален настап за македонската репрезентација во ниту еден квалификациски натпревар. Исто така и Шкендија ќе добие дел од средствата, како настап за Решат Рамадани, кој го имаше официјалното деби на мечот со Лихтенштајн.

Се вчитува...