ФИФА донесе одлука да користи помош од технолошкиот изум ВАР и за претстојниот мундијал во Русија. Официјализирањето на одлуката се очекува на 22 јануари во Цирих, но добро упатени извори тврдат дека претседателот Инфантино и неговите најблиски соработници се решени да ја истуркаат работата до крај по позитивното искуство од клупскиот мундијал и од Купот на Конфедерациите.
Иако постоеја и бројни критичари на вклучување на технолошки изуми во фудбалот, претставниците на светската куќа на овој спорт решија да останат доследни кога станува збор за ВАР.
„Севкупно има над илјада натпревари во кои е користен ВАР системот и можеме да кажеме дека резултатите се подобри од првичните прогнози“ – изјави Дејвис Елери, технички директор на ИФАБ, здружението одговорно за примена на нови фудбалски правила.
ВАР-системот моментно се користи во шампионатите на Италија и Германија, а експерименти се вршат и во националните купови на Франција и на Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА