Светската фудбалска организација (ФИФА) склучи договор со ФИФПро, Асоцијацијата на професионални фудбалери, според кој ќе одобри фонд од 16 милиони евра за помош на фудбалерите кои останале или во моментот не добиваат плата од клубовите. Овој фонд ќе треба да им биде од помош на најзагрозените фудбалери и ќе ги покрие „финансиските дупки“ што тие ги имаат од јули 2015 до јуни 2020 година.
Во 2019 година ФИФА го корегираше Дисциплински кодекс и сериозно ги санкционира клубовите кои не исплаќаат плати на фудбалерите. Најголем дел од нив не добиваат лиценци за настап во европските купови, а таков беше случајот со најтрофејниот македонски клуб ФК Вардар. Состојбата во „црвено-црните“ редови не е подобрена ниту до денешен ден, па можеби и фудбалерите на лидерот на табелата во македонскиот шампионат би можеле да бидат корисници на овој фонд што ќе ги помага фудбалерите без плата.
„Интенцијата на ФИФА како водечко тело за грижа на фудбалот во светот е да биде посветена кон помошта за фудбалерите. Свесни сме за нашата улога и затоа склучивме договор со ФИФПро за формирање на фонд за помош на фудбалерите без плата“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Претседателот на ФИФпро, Филипе Пјат истакна дека повеќе од 50 клубови од 20 земји финансиски пропаднале во изминатите пет години, а стотици фудбалери живеат во неизвесност и финансиска несигурност. Најголем дел од пропаднатите клубови оставиле долгови кон фудбалерите и фудбалските работници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА