Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) минатата година имала загуба од 369 милиони долари. Главна причина за ваквите големи загуби се судските трошоци за истрагата на американските и на швајцарските органи за корупцијата во ФИФА, како и откажувањето на дел од спонзорите по отворањето на овие процеси.
Според најавите, во ФИФА очекуваат уште поголеми загуби во текот на оваа година, но и стабилизација на состојбата и профит од милијарда долари во 2018 година, главно од телевизиските права за Светското првенство во Русија. ФИФА нема продадено уште 24 места од вкупните 34 колку што ги има во спонзорската програма за фудбалскиот Мундијал во Русија.
„Моменталната стагнација во глобалната трговија, во комбинација со истрагата во која беа вклучени луѓето од поранешното раководство на ФИФА, влијаеја на вкупниот приход“ – се наведува во финансискиот извештај на ФИФА за 2016 година.
Правните трошоци на ФИФА за минатата година, во истрагата на американските и на швајцарските власти изнесуваат повеќе од 50 милиони долари. За Конгресот во февруари на кој беше избран новиот претседател Џани Инфантино, ФИФА потрошила 7,9 милиони долари, а за 5,6 милиони долари им се зголемени исплатите на членовите на Советот на ФИФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА