ФИФА со револуционерна промена на правилото за офсајд – Најголема промена во историјата (ФОТО)

ФИФА подготвува револуционерна промена во фудбалските правила, и тоа околу офсајд позицијата.

Како што потврди претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, светското управно тело на фудбалот е во фаза на тестирање на ново толкување на офсајд, според кое напаѓачот би бил во недозволена позиција само ако целото негово тело е пред дефанзивецот, што значително би го променило начинот на кој правилото се применува денес.

„Пред неколку години, го воведовме VAR за да го направиме фудбалот пофер и да им овозможиме на судиите да ги исправат грешките. Ќе продолжиме да ја подобруваме технологијата, но и да ги преиспитуваме правилата за да ја направиме играта попривлечна и поинтересна“, рече Инфантино на Светскиот спортски самит во Дубаи.

Првиот човек на ФИФА истакна дека се разгледува промена на правилото за офсајд, кое во иднина би барало напаѓачот да биде „целосно пред“ голманот за да му биде доделен офсајд.

„Во иднина, може да се случи напаѓачот да мора да биде пред дефанзивецот со целото тело за да биде во офсајд. Моментално сме во фаза на тестирање“, додаде Инфантино.

Зад оваа промена стои Арсен Венгер, раководител на одделот за глобален развој на фудбалот на ФИФА, кој со години се залага за правило кое би ја фаворизирало напаѓачката игра и би ги намалило минималните, милиметарски офсајди кои станаа вообичаени со ВАР технологијата.

Дополнително, ФИФА разгледува дополнителни мерки за забрзување на играта и намалување на застоите, а Инфантино потсети на веќе воведеното правило дека на противничкиот тим му се доделува корнер ако голманот ја држи топката повеќе од осум секунди.

Доколку тест-фазата е успешна, таканаречениот „Венгеров закон“ наскоро би можел да оживее на најголемата фудбалска сцена, што би претставувало една од најзначајните промени на правилата во модерната историја на фудбалот.

Се вчитува...