ФИФА воведува „ВАР за сиромашни“, дали е тоа шансата за мак-фудбалот?

Судиската организација при ФИФА работи активно на вклучување на ВАР-технологијата во сите држави ширум Европа и светот, поради што се подготвува „лимитирано издание“ на ВАР кое воедно ќе биде и со значително пониски трошоци од актуелната технологија.

Првиот човек на судиската организација, Пјерлуиџи Колина, објави дека во моментов се разгледуваат најразлични опции, при што клучно ќе биде намалувањето на трошоците, за ВАР да биде достапен и за посиромашните лиги.

„Сакаме да воведеме ВАР и во посиромашните земји. Свесни сме дека трошоците се преголеми за некои помали држави и лиги и сакаме технологијата да ја направиме достапна и за нив. Се разгледуваат неколку опции, пред се дали со намалување на бројот на камерите за ВАР ќе се намалат и трошоците. Исто така, треба да се намалат и трошоците за човечките ресурси поврзани со ВАР, тоа е една од темите што ги разгледуваме“, истакна Колина.

Воведувањето на ВАР-технологијата ја чинеше Хрватска околу 1,5 милиони евра, а веќе извесно време постоеја најави дека овој технолошки изум би можел да биде вклучен и во мак-фудбалот од наредната сезона. Доколку дојде до намалување на трошоците, тоа ќе биде само мотив повеќе за што побрзо да биде вклучена технологијата и на нашите фудбалски терени, особено откако голем дел од клубовите гласно ги критикуваат судиските одлуки речиси секој викенд.

Се вчитува...