Фијаско: Хрватска и со НБА-ѕвезди не успеа да ги мине квалификациите за СП 2023

Хрватска неочекувано испадна од првата квалификациска фаза за СП 2023 откако „коцкестите“ го загубија клучниот натпревар, на домашен терен од Финска со 79-81. Хрватите за овој прозорец беа засилени за НБА-ѕвездите Богдановиќ и Зубац, како и евролигашкиот ас Марио Хезоња, но и со таков состав не успеаја да ги совладаат Финците, па го освоија последното место во групата.

Гостинскиот состав изненади со одлична игра во првото полувреме, во кое Финците целосно го контролираа резултатот и на одмор заминаа со предност од 34-43. Хрватска заигра подобро во третиот период, што избраниците на селекторот Мулаомеровиќ го добија со 27-17 и направија целосен пресврт. Финишот беше супердраматичен, а „коцкестите“ прокоцкаа предност од 78-70 по поените на Зубац на 2:06 минути на крајот.

Гостинските кошаркари успеаја да се вратат, Гњидиќ промаши две слободни фрлања при резултат 79-78 на десетина секунди до крајот, по што Марканен погоди тројка за 79-81. Бојан Богдановиќ шутираше тројка за победа, промаши, но Хрватска доби уште една шанса откако на 0,1 секунда до крајот беше досуден прекршок над Зубац. Доколку центарот беше прецизен во слободните фрлања ќе се играа продолженија, но асот на ЛА Клиперс не беше прецизен, за огромно разочарување на „коцкестите“ и прерана елиминација од мундијалските квалификации.

Марканен со 19 поени беше најефикасен во финскиот состав, 14 постигна Салин, додека Богдановиќ и Зубав реализираа по 21 поен за хрватскиот состав.

Се вчитува...