Јуниорската репрезентација на Македонија претрпе преубедлив пораз од Исланд со резултат 59-92, во последниот меч од групната фаза од кошаркарското ЕП – Б дивизија што се одржува во Португалија. Двете селекции влегоа во мечот со скор од една победа и два порази, Македонија дури ја имаше и улогата на благ фаворит, но наместо втор триумф во низа нашите млади кошари со катастрофалното издание не заслужија ништо повеќе од вакво фијаско.
Првата четвртина мина во израмнета битка, во која Исланѓаните нешто подобро ја завршија четвртината и поведоа со 13-18. Македонија беше егал-противник и во вториот период што нашите млади кошаркари го добија со минимални 19-18, но затоа тотална катастрофа беше третата четвртина во која Исланд постигна 26, наспроти само девет поени на младите македонски кошаркари. Кризата продолжи и во последните десет минути во кои противникот ja дотолчи јуниорската селекција на Македонија, на крајот триумфирајќи со конечни „плус 33“.
Македонија ја завршува групната фаза со само една победа и три порази, на четвртото место во својата група, па на избраниците на Апостолоски Лечиќ им претстои борба за пласман на овој разочарувачки шампионат на кој од нив сигурно се очекуваше многу повеќе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА