Фијаско на Србија во Даблин – наместо убедлива победа, со смешен автогол само до реми (видео)

Србија остана без значајни два бода на гостувањето против Република Ирска откако двете селекции ремизираа 1-1 во меч во кој гостите беа многу поблиску до победата. Милинковиќ Савиќ ја доведе српската репрезентација во водство со прецизен удар со глава во првото полувреме, но токму асот на Лацио се посрамоти во самиот финиш, учествувајќи во акцијата во која од непосредна близина го удри со топка во градите Миленковиќ, по што топката се одби во мрежата на гостинскиот состав.

Смешниот автогол следеше како казна за десетината шанси што избраниците на селекторот Стојковиќ не ги искористија, во обид да стават печат на победата. Несмасниот потег на Сергеј Милинковиќ Савиќ можете да го погледнете на ОВОЈ ЛИНК.

Хрватска се реваншираше на Словенија за поразот на стартот од овие квалификации славејќи над соседот со 3-0. Селекторот Далиќ направи неколку рокади во составот, тоа вроди со плод бидејќи Ливаја го отвори резултатот уште во првото полувреме, а на 2-0 во вториот дел зголеми Пашалиќ. Конечните 3-0 во самиот финиш ги постави Никола Влашиќ.

Интересно беше и на дуелот меѓу БиХ и Казахстан, на кој гостите на петнаестина минути до крајот водеа со 0-1, но селекцијата на БиХ сепак направи пресврт благодарение на головите на Пјаниќ (од пенал) и на Менало. И кога се очекуваше домашните фудбалери да стигнат до цел плен, Казахстан во 95. минута стигна до израмнување преку Заинутдинов.

Се вчитува...