Филаделфија мораше да игра со само седум кошаркари, анонимец постигна 39 поени…, извонредна партија на Дончиќ (ВИДЕО)

Филаделфија на синоќешниот НБА натпревар против Денвер играше со само седум кошаркари, меѓу кои и четири рукија, откако шест кошаркари поради НБА протоколите добија карантин.

Филаделфија загуби со 115-103, а 20-годишниот Тајрис Максеј, 21. пик на минатогодишниот драфт, најдобро ја искористи шансата и постигна 39 поени, што е најголем број поени за еден руки-играч на Филаделфија уште од 1997 година кога Ален Ајверсон постигна 40 поени.

Откако Сет Кари дозна дека е позитивен на коронавирус, тој и уште четворица кошаркари со кои бил во контакт се во карантин. Ако на тоа се дополнат и повредите на Џоел Ембид и Бен Симонс, Филаделфија остана на осум достапни што е задолжителен минимум за натпреварот да се одигра.

 

За Денвер најмногу поени постигна Гери Харис – 21, а Никола Јокиќ беше блиску до „трипл-дабл“ со 15 поени, 12 асистенции и девет скока.

Лука Дончиќ имаше извонредна партија во победата на Далас против Орландо од 112-98, запишувајќи „трипл-дабл“ од 20 поени, 11 скока и 10 асистенции.

Портланд запиша убедлива на гостувањето против Сакраменто со 99-125, предводен од МекКалум со 37 поени, додека Демијан Лилард дополни со 17 поени.

Се вчитува...